Сулејмани: Со новиот закон за правична застапеност ги спречуваме злоупотребите – следуваат санкции за лажно етничко изјаснување
Заменикот министер за образование од коалицијата ВРЕДИ, Дритон Сулејмани, во гостувањето на емисијата „Топ Тема“ на Телма, најави дека новото законско решение за соодветна и правична застапеност конечно ќе стави крај на долгогодишните манипулации со етничката припадност при вработување во државната администрација. Според Сулејмани, клучната разлика помеѓу досегашниот дигитален механизам, познат како „балансер“, и новото решение е во тоа што правичната застапеност сега се издигнува на ниво на закон. „Оваа уставна категорија ја креваме од алатка во закон, што е голем и многу важен чекор за соодветната застапеност да го добие заслуженото место. Ова требаше да се уреди уште во 2003 година како дел од Охридскиот рамковен договор, но за жал, по цели две децении тоа не се случи. Ние го ветивме ова пред изборите и сега го реализираме“, истакна Сулејмани. Една од најголемите критики на претходниот систем беа злоупотребите каде граѓаните се изјаснуваа како припадници на друга етничка заедница само за да добијат работно место. Сулејмани тврди дека новиот закон предвидува строги санкции за ваквите појави. „Секој кој ќе се осмели лажно да ја изјасни својата етничка припадност ќе биде санкциониран. Тој ќе биде исклучен од конкретниот конкурс и нема да има право да аплицира на ниту едно работно место во наредните три месеци“, појасни заменикот министер. Покрај кандидатите, законска одговорност ќе сносат и раководителите на институциите. Доколку директорите не го спроведуваат законот, ќе се соочат со политичка одговорност, што според Сулејмани е многу посилна мерка од досегашните парични казни кои честопати се игнорираа. На новинарското прашање за забелешките на Венецијанската комисија во однос на мерит-системот и координацијата, Сулејмани демантираше дека законот е во спротивност со нивните препораки. Тој посочи на Членот 9 од предлог-законот, каде експлицитно е наведено формирањето на координативно тело за следење на состојбите. „Методологијата ќе ја предлага Агенцијата за администрација во соработка со координативното тело. Првиот вицепремиер на Владата ќе биде задолжен за следење на спроведувањето на законот низ сите институции во државата“, додаде тој. Сулејмани заклучи дека ова законско решение е суштинско за стабилноста и правичноста во државата, нагласувајќи дека Владата е максимално внимателна во неговото конципирање за да не се повторат грешките од минатото.